И Вајмарската тројка во дипломатска офанзива – следниот чекор се уставните измени, се е во вашите раце порачаа тие

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нова дипломатска офанзива, овој пат на Вајмарската тројка, министрите за Европа на Германија, Франција и Полска. Државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција Лоренс Бун тврди дека нема да има нови барања од Бугарија и единствено треба да се исполнат уставните измени.

„Оваа дискусија околу уставот нема да повлекува нови барања од Бугарија, автоматски Северна Македонија ќе се најде на патеката на пристапување. Значи нема никакви дополнителни барања од ниедна друга земја, меѓутоа има барања за ревизија на Уставот да се заврши тоа и повторно автоматски и Северна Македонија ќе влезе во следната фаза на процесот на пристапување“, вели Лоренс Бун.

Министерката на Германија за Европа Ана Лирман  порача дека следниот чекор во евроинтегративните процеси е измена на Уставот и сите партии да преземат политичка одговорност за тоа. 

„Цврсто ги поттикнувам сите политичките сили  во Северна Македонија да ги поддржат уставните измени и да ја поддржат подобрата и попросперитетна иднина за Северна Македонија и македонскиот народ. Се друго ќе биде штетно за амбициите за членство во ЕУ. Сега е моментот кога треба да се преземе политичка одговорност да се дејствува да се каже Да на подобрата иднина на иднината во Европската унија“, порача Ана Лирман.

Полскиот министер Шинковски вел Сенк даде широка поддршка за членство на Македонија во ЕУ.

„Нашата поддршка денеска е посебна, нашата заедничка посета е знак на заедничката поддршка на тоа дека Франција Германија и Полска ќе бидат земји кои ќе придонесат кон  вашата иднина кон ЕУ“, посочи Шимон Шинковски.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека на целиот регион му е потребна јасна временска и реформска рамка за членство. Не бараме ништо друго туку заслужено место во Европската унија, порача Маричиќ кој притоа упати порака и до пратениците.

„Очекувам на сите политички партии и на сите пратеници да ни биде приоритет да го продолжима успехот од пред една година и да го интензивираме преговарачкиот процес. Со стратешка и проактивна политика да ги направиме уставните измени и да го надминеме периодот без никаква штета и без можност да се вратиме назад во чекалната“, посочи Бојан Маричиќ.

Ова е втора тројка европски дипломати што доаѓаат во мисија за да ја убедат опозицијата за важноста од уставните измени, откако пред четири дена во иста таква мисија беа министрите за надворешни работи на Австрија Чешка и Словачка, Шаленберг, Липавски и Влаховиќ.