„И во Албанија ќе триумфира волјата на граѓаните како во Северна Македонија“, вели Мета

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на Партијата на слободата Илир Мета порача дека и во Албанија на изборите ќе триумфира волјата на граѓаните како што се случи во Македонија, каде апсолутен победник беше ВМРО-ДПМНЕ.

Во интервју за порталот Аргументум.ал, Мета на прашањето што е тоа што него го обединува со ВМРО-ДПМНЕ, што е навистина изненадувачки, порача дека нема ништо сомнително во тоа, и дека верува оти ВМРО-ДПМНЕ е сила која направи многу за развојот на Северна Македонија.

„Ја ценам и јасната визија во регионот, особено во однос на противењето на идеите од типот на Отворен Балкан кои имаа за цел да ги пренасочат процесите на интеграција во ЕУ во регионот“, вели Мета.

Според него, резултатот на таа партија на изборите е и одраз на противењето на идеологиите кои се насочени кон семејството како јадро на општеството.

На новинарското прашање дали смета дека победата на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија е зелено светло за победа и на албанската опозиција, Meта вели:

„Едно нешто што научивме од најважниот сојузник на нашите земји, од САД, е дека изборите ги одразуваат волјата и очекувањата на луѓето. Политичкиот систем треба да да се погрижи нивната волја да биде праведно и правично претставена според изборот на народот. Народот во Албанија е целосно свесен дека политиките на актуелната влада се штетни за земјата, за нејзината демократија и економија, за семејството и за општеството во целина. Затоа илјадници се определија да ја напуштат земјата. Сигурен сум дека албанските гласачи ќе направат зрел избор за да се случат промени, како што тоа го направија во Северна Македонија“, додава Мета.