И покрај негирањето на Зијадин Села, ко-претседателот на ВЛЕН, Билал Касами, и понатаму тврди дека има комуникација и разговори за вклучување на Албанската лига во Владата.Тој појаснува дека не станува збор за вклучување на Албанската лига во ВЛЕН, туку за нејзино учество во Владата. Касами најави конкретни чекори по враќањето на Мицкоски и Сали од САД.
„Да, има разговори. Со враќањето на премиерот и вицепремиерот од САД, ќе имаме нешто поконкретно“, вели Билал Касами, ко-претседател на ВЛЕН.
„И таму, секако, има разговори, имаме комуникација, но сепак секој зборува за тоа дали ќе биде или нема да биде дел од Владата и зборува за својот став. Има комуникација, но тоа што можат да го кажат од Албанската лига се однесува на нивните барања, на нивните ставови за да бидат дел од Владата. Во овој случај, повторно го кажувам она што го кажав – не станува збор тие да бидат дел од ВЛЕН, туку имало комуникација за да бидат дел од Владата“, вели Билал Касами, ко-претседател на ВЛЕН.
Но, таквата можност Зијадин Села категорично ја отфрли во емисијата „Клик Плус“, велејќи дека нема да прифати на себе да го носи она што го нарекува „дамка на предавството“.
Тој упати повик и до албанските пратеници да се откажат од таквиот пат, предупредувајќи дека последиците не се однесуваат само на денешната политика, туку и на иднината на нивните деца.
„Зијадин Села нема намера ниту да го посрамоти својот образ, ниту образот на своите предци, а дамката на предавството и печатот на предавството нема да си ги стави самиот на себе“, вели Зијадин Села, претседател на Албанската лига.
Во однос на можните преминувања од Алијансата за Албанците во ВЛЕН, Касами рече дека и за тоа има разговори.
„Јас ти реков дека имало разговори, има комуникација. Сега, изјавите и постапките на поединците треба да ги следиме во подолг период и да видиме дали тоа што го велам јас стои или не“, вели Билал Касами, ко-претседател на ВЛЕН.
Но, и Исeн Шабани од Алијансата за Албанците за ТВ21 ги негираше информациите за негово преминување во ВЛЕН, велејќи дека немало ниту политички разговори, ниту понуда за функција.
„Ако зборувате конкретно за мене, бидете сигурни дека ниту имало разговори, ниту ќе има, ниту, пак, ми била понудена некаква функција“, вели Исен Шабани, Алијанса за Албанците.
Говорејќи за можни предвремени парламентарни избори, ко-претседателот на ВЛЕН, Касами, рече дека се подготвени за нив, но според него, актуелниот фокус е реализацијата на проектите и ветувањата на Владата.Тој изрази уверување дека и во случај на избори, ВЛЕН ќе победи и ќе продолжи да биде дел од Владата.
