Идната недела разговори за европската стратегија – Мицкоски: Проблемот со транспортерите ќе се надмине од идниот месец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Идната недела македонската влада ќе седне на преговори со ЕУ за да ги утврди правилата како европската стратегија ќе профункционира за превозниците непречено да ги извршуваат нивните работи. Решението на таканаречената европска стратегија беше дадена вчера по неколкудневните блокади на границите кон земјите од шенген зоната. Засега се уште не се проценети колкави штети ќе предизвикаат овие блокади, но воедно, тоа значително може да се одрази и врз економијата на земјите членки на Унијата. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е добро што имаше здружена реакција од сите транспортери во регионов, но појаснува дека проблемите се уште не се целосно надминати, бидејќи останува отворено прашањето за утврдување на квотите за челик.

„Важно е дека е препознаен проблемот , важно е дека има неколку можни решенија и очекувам да се катализира решение со кое ќе се надмине овој проблем но тука не застануваат проблемите, следно е квотите за челикот. Така да проблеми има континуирано, проблемите се тука и ќе се решаваат. Што се однесува до транспортерите мора да се надмине овој проблем за транспортерите и мислам дека од прилика се наѕира решението и очекувам тоа во рамките на следниот месец, односно месец февруари, веќе да биде завршена работа“, порача Христијан Мицкоски.

Новата визна стратегија од Европската комисија значи дека возачите на камиони ќе се сметаат како професионална категорија на работници. Од Асоцијацијата „Макамтранс“ вчера соопштија дека најавите за визи за транспортерите го решава проблемот и информираа дека блокадите ги прекинуваат.

„Европската комисија донесе одлука да донесе нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со која се соочија професионалните возачи за престојот 90 во 180 дена. Бидејќи е добиена потврдата која ја очекувавме за промени ве информираме дека протестот кој беше организиран од Асоцијацијата „Макамтранс“ на граничните премини ќе биде прекинат“, велат од Макамтранс.

И српските транспортери најавија дека денеска ги прекинуваат блокадите, а ваквата одлука, како што пренесува весникот Блиц бизнис, ја донесе по заедничкиот состанок на возачите на Србија со нивните колеги од Босна и Херцеговина.