Игор Стефановски – Иџе е најдобриот автомобилист од Македонија. Има освоено три европски титули, и многу подиуми низ Европа.
Во интервју за ТВ21, зборува за своите почетоци со автомобилизмот, за ритуалите и подготовките пред трките, за тоа дали неговите син и ќерка ќе го наследат, до тоа кој момент ќе го памети до крајот на животот и, на крајот, го открива рецептот како се стигнува до „хет-трик“ титули во Европа.
Како се одлучивте за автомобилизам? Дали претходно сте тренирале некаков спорт? Како почна вашата кариера, на колку години, со какво возило, каде?
„Автомобилизмот кај мене не беше само спорт, туку живот уште од мали нозе. Љубовта кон брзината и автомобилите ја имав уште како дете. Пред професионално да почнам со трки, активно спортував и бев многу посветен на физичка подготовка, затоа што овој спорт бара огромна кондиција и дисциплина. Кариерата ја започнав релативно млад, прво со локални трки во Македонија, а потоа постепено преминав на интернационална сцена. Со многу работа, жртва и верба во себе стигнав до европскиот врв. Денес зад мене стојат години искуство, многу победи и настапи со врвни автомобили, меѓу кои и Ferrari 488 Challenge Evo“.
Имате ли некој посебен ритуал пред или за време на трка? Како се подготвувате, или поточно како изгледа еден ден кога има трка?
„Пред секоја трка имам свој начин на подготовка. Сакам мир и максимална концентрација. На денот на трката станувам рано, внимавам на исхраната и физичката подготовка, а најважно ми е ментално да бидам фокусиран. Пред старт секогаш поминувам низ патеката во глава, ги анализирам свиоците и можните ризици. Кога ќе седнам во автомобилот, тогаш веќе сè друго исчезнува и остануваат само јас, автомобилот и патеката.“

Дали вашите деца имаат амбиции да тргнат по вашите патеки, односно дали и тие сакаат да се занимаваат со автомобилизам во иднина?
„Искрено, би бил горд ако моите деца еден ден решат да тргнат по моите стапки, но никогаш не би им наметнувал. Автомобилизмот е прекрасен, но и многу тежок и опасен спорт. Најважно ми е тие да го следат тоа што навистина го сакаат. Секако дека имаат интерес и љубопитност кон трките, растат покрај автомобили и атмосфера на натпреварување, па времето ќе покаже дали ќе посакаат и професионално да се занимаваат со ова“.
Која ви била најтешка трка во кариерата, дали се сеќавате на некој необичен момент, на нешто кое ви се има случено само еднаш?
„Имало многу тешки трки во кариерата, но една од најтешките е кога условите на патеката се менуваат буквално од секунда во секунда – дожд, магла, лизгав асфалт, а ти возиш на граница. Имало и моменти кога сум имал технички проблем непосредно пред старт или за време на трка, а сепак сум успеал да завршам со добар резултат. Тоа се моменти што никогаш не се забораваат. Во автомобилизмот секоја секунда носи нешто непредвидливо и токму тоа го прави овој спорт толку тежок и посебен“.

Вие сте трикратен европски првак. Како се доаѓа до овој голем успех, кој е рецептот?
„Да се стане трикратен европски шампион не е случајност. Зад тоа стојат години работа, дисциплина, откажувања, огромна посветеност и силен тим околу тебе. Рецептот е никогаш да не се предаваш, дури и кога е најтешко. Потребна е голема психолошка стабилност, верба во себе и постојана желба да бидеш подобар од вчера. Во овој спорт талентот е важен, но без работа, жртва и карактер не може да се стигне до врвот“.
