Игрите на среќа, 500 метри или 3 км оддалечени? – Албанската опозиција најавува нов предлог закон

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се уште се чека Министерството за финансии во Електронскиот регистер да ги објави измените и дополнувањата  на законот за игрите на среќа. Кога ќе се објави, се уште не се знае, но неофицијално од таму велат дека се уште го подготвуваат текстот. Од најавата во ЕНЕР, Министерството веќе открило дека растојанието на објектите за игри на среќа од училиштата нема да биде повеќе од половина километар.

„Со цел заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст, се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени 500 метри од основни и средни училишта и високообразовни институции до кои се доаѓа по најкраткиот безбеден пат“, велат од Министерството за финансии.

Токму локацијата на обложувалниците и казината е најжешката точка на дебатата. Оваа најава не им се допадна ниту на оние кои се против игрите на среќа ниту на оние кои живеат од оваа работа. Џемал Абдиу од Движење против коцкање овој предлог го гледа како штетен за граѓаните. Порано бараа растојанието да биде 3 км подалеку од населените места а сега бараат затворање на овие објекти се до носењето на подобар закон.

„За жал и сега постои закон според кој обложувалниците и казината треба да бидат оддалечени од образовните институции 100 до 150 метри. А што се случува– тие обложувалници и казина се во самите дворови на образовните објекти. Друго, сега не зборуваме за растојанието, растојанието е многу мало, но најлошо е што има дупки, во овој предлог закон не се верските објекти и центрите на градовите“, посочи Џемал Абдиу.

Асоцијацијата на обложувалници со друг став. Од таму најавуваат дека растојанието од 500 метри би затворило најголем дел од нивните објекти.

И додека се чека Министерството за финансии да подготви изменет предлог закон, албанската опозиција веќе најави дека ќе предложи свој закон.

„Чекавме да видиме каква е понудата и сега видовме дека повеќе станува збор замена за назначувањата наспроти уставните измени, затоа сега го продолжуваме процесот на изготвување на Законот за игри на среќа и сметаме дека во моментот кога ќе ги имаме ќе го доставиме и до медиумите и  до Собрание“, посочи Скендер Реџепи.

Реџепи вели дека во коалицијата АА-ААА најчувствителен дел на дебатата е растојанието за тоа каде и колку далеку треба да бидат објектите за игрите на среќа од населените зони, а за тоа што ќе се одлучи останува да видиме понатаму.