Ангелов со нетрпение го очекува дождот – ако прогнозите за времето се точни, ова би бил крајот на сезоната на пожари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неколку пожари и понатаму пустошат шумски површини, а до 13 часот се регистрирани вкупно 13 пожари. Според Центарот за управување со кризи, четири пожари се активни, пет се под контрола, додека четири се изгаснати. Активни пожари се пријавени во Струга, Македонски Брод, Чучер-Сандево и Крива Паланка, додека пожари под контрола има во Македонски Брод, Кичево, Ѓорче Петров и Делчево. Ако прогнозите за времето се точни и за време на викендот има врнежи од дожд, тоа би бил крајот на пожарната сезона за оваа година, изјави директорот на ДЗС, Ангелов, кој со нетрпение ги очекува врнежите.

„Вчера повторно имавме над 30 пожари, иако имаше најава за врнежи од дожд во западниот дел на Македонија. Сепак, дождот помогна многу малку, врнеше само на неколку локации и помогна во гаснењето на пожарот во Вруток, кој беше ставен под контрола, бидејќи вчера дејствувавме со полициски хеликоптер.

Апелирам до граѓаните да бидат внимателни! Од УХМР за сабота и недела имаме најава за посериозна количина врнежи. Со нетрпение ги очекуваме. Доколку нивните прогнози се остварат, тогаш би требало да биде и крајот на оваа пожарна сезона“, вели директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.