Илјадници жртви и повредени во Турција и Сирија, под урнатините спасени околу 8000 луѓе, меѓу нив и 6-месечно бебе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Има само 6 месеци, но успеа да издржи 29 часа под урнатините по катастрофалниот земјотрес во Турција. Бебето Ајше Вера и нејзината мајка, Хулија Јелмаз се само две од околу 8.000 лица спасени од под урнатините.

„Состојбата на мајката е добра… Гласот на вујкото не ми звучи добро. Ве молиме секој што го гледа ова да ни помогне. Ве молиме помогнете ни.”

Благодарение на оваа видео-снимка, студентот Боран Кубат успеа да се спаси од урнатините од земјотресот. Видеото го објавил на социјалните мрежи, па така веднаш добил помош. Кубат бил заглавен под урнатините 5 и пол часа заедно со неговата мајка, баба и двајца вујковци.

„Одеднаш се занишавме. Ја спуштив главата и видов како мајка ми падна пред мене и сѐ останато стана темно и црно. Видов како телефонот ми падна блиску. Го зедов и ги барав моите пријатели“, вели Боран Кубат.

И Ахмет е еден од жителите на Турција кого спасувачките екипи се трудат да го извлечат од под бетонските остатоци од срушените згради. Екипите вложуваат натчовечки напори да го спасат, без да му ги оштетат нозете кои му останаа заглавени под урнатините.

Турскиот Претседател, Реџеп Таип Ердоган, прогласи вонредна состојба од 3 месеци во 10 најпогодени провинции.  Бројот на жртви постојано се зголемува.

„За жал, бројот на жртви и повредени се зголемува. Во моментов имаме 3.549 загинати и 22.168 повредени. Нашето најголемо достигнување е тоа што досега од под урнатините спасивме повеќе од 8.000 наши граѓани кои се во добра здравствена состојба“, порача Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган додава дека околу 54.000 шатори и 102.000 легла се испратени во подрачјата погодени од земјотресот, а на теренот има 53.317 спасувачи кои се трудат да ги извлечат затрупаните. Според турскиот министер за урбанизам, Мурат Курум, вчерашните два земјотреса директно погодиле 13,5 милиони жители на Турција.