Во рок од три месеци се очекува да се реши проблемот со полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Ова за Euronews го изјави претседателот на ВЛЕН, Изет Меџити, кој во текот на вчерашниот ден заедно со Касами одржал средба со премиерот Христијан Мицкоски. Според Меџити, постои договор за барањето на студентите.
-Како што ги решивме овие ресори, така ќе продолжиме и со правосудниот испит, што е барање на студентите, но не само со правосудниот испит. Се договоривме Законот за јазиците да се применува и во други области што се однесуваат на професионални испити или лиценци што треба да се добијат, вели претседателот на ВЛЕН, Изет Меџити.
Прашање: Вие го побаравте тоа, но што беше кажано?
Меџити: Не сме побарале, туку сме се договориле, усогласени сме. Тоа е заедничка изјава на премиерот и двата владини партнери ВМРО и ВЛЕН.
Прашање: Без рок?
Меџити: Нека биде рок од три месеци, затоа што има процедура – треба да се направи предлог за измена на законот, да помине на Влада и потоа во Парламент.
Пратеничката на Европскиот фронт, Рина Ајдари, изрази недоверба кон решенијата што би можела да ги предложи Владата, алудирајќи дека тие може да донесат непотребни или комплицирани процедури. Законот за употреба на јазиците веќе ја гарантира употребата на албанскиот јазик, вели таа.
-Реално не знам со какво решение ќе излезат, со каков бисер ќе дојдат … Еве конкретен пример – вчера во Собранието пристигна материјалот за Законот за правична и соодветна застапеност и беше скандалозен. Верувам дека и ова решение ќе биде во таа насока, бидејќи во овој случај нема потреба од ново решение, само ќе се искомплицира работата и процедурата. Законот за употреба на јазиците е јасен, Уставот е многу јасен и треба само да се спроведе. Министерот за правда треба само да го регулира тоа за студентите да можат да го користат своето право и да го полагаат правосудниот испит на албански јазик, вели пратеничката Рина Ајдари од Европски фронт.
Во меѓувреме, студентите бараат правото за полагање на правосудниот испит на албански јазик да не остане само политичко ветување, тукушто побрзо да се спроведе во пракса, најавувајќи дека ќе продолжат со јавните реакции сè до конечно решавање на прашањето.
