Бугарија најверојатно ќе оди на нови избори, откако Слави Трифонов, лидерот на партијата „Има таков народ“, изјави дека нема да го достават предлогот за нова влада.
„Одиме на нови избори“, изјави Трифонов, кој со неговата партија победи на претходните избори на 11 јули.
Овој чекор следува откако Демократска Бугарија соопшти дека нема да даде поддршка за новата влада, на чие чело требаше да биде Пламен Николов.
„Направивме сè што беше во нашата моќ. Ги направивме сите компромиси кон таканаречените ‘протест партии‘ за да ја поддржат владата на Има таков народ како прва политичка сила во државата. Направивме сè што беше во нашата моќ да го смириме народот и да имаме влада, но тоа нема да се случи поради предавството на Демократска Бугарија и Исправи се БГ“, кажа Трифонов.
Бугарија одржа избори во јули, откако претходно ниту една од партиите не успеа да состави влада по гласањето во април.
