„Имаме повеќе иселеници, но не се попишале“ – Пописот заврши, по 19 години конечно се преброивме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе се покрене постапка за оние кои не прифатиле да се попишат. Попишувачите имаат изјава од лицата кои не се попишале, велат од ДЗС, но уверуваат дека бројот на тие што одбиле е мал и може да се изрази во промили, не во проценти.

А тие што останаа непопишани, истите ќе се опфатат во процентот, рече директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

Но кои населени места се испразнети од миграција и каде имаме најмногу иселени граѓани? Од ДЗС велат дека ова е податок кој ќе се знае по завршување на обработката на податоците.

„Сега е многу рано да зборуваме од каде и како се случиле миграциите во и надвор од државата. Самата бројка од 1.832 илјади ако се спореди со последната бројка од пописот во 2002, кога беше нешто над 2 милиона, говори дека овие 170 илјади жители, претпоставуваме, без да се земе предвид природниот пораст на наталитетот, значи, дека тие се некаде, ако не овде, тогаш се надвор од државата. Значи ова движење влијаело во некои населени места да има помалку жители, но кои се тие и зошто се случиле овие движења сега не можеме да дадеме информации бидејќи ги немаме сите податоци“, истакна Иљми Селами.

Според синоќешните податоци на ДЗС, вкупно се попишани над 1 милион 832 илјади и 696 граѓани, 837 илјади и 255 станови , 568.175 домаќинства и 534.503 градби. Попишани се 204.850 иселеници, иако процесот  на попис на дијаспората траеше  7 месеци. Од ДЗС велат дека има уште многу иселеници во дијаспората кои  не се попишале. Објавувањето на резултатите од пописот  ќе биде по 6 месеци, но од Заводот велат дека има шанси тоа да се направи и порано, 15 дена пред или по Нова Година.