Со ДУИ сѐ беше можно и со ДУИ може да се добие и функцијата за премиер Албанец. Ова е предизборната порака од партијата на Али Ахмети. Од таму сметаат дека е време Албанец да ја преземе клучната позиција во извршната власт.
„Знаете дека ДУИ е промотор на концептот на консензуалноста. Со консензус е избран и првиот Албанец претседател на Собрание, со консензус се постигнати и други позиции кои беа недопирливи и резервирани од аспект на етничката припадност. Со ДУИ до денеска сѐ беше можно и со ДУИ ќе се постигне и премиер Албанец“, истакна Арбр Адеми.
Барањето на ДУИ за премиер Албанец, СДСМ го оцени како популистички чекор, велејќи дека ваков вид кампања ќе ги однесе интегративците во опозиција.
Сепак, тие се убедени дека албанскиот народ и на овие избори ќе им донесе победа и дека тие ќе бидат одлучувачки фактор за формирање на новиот владин состав.
„Веруваме дека албанскиот народ како што направи ДУИ на изборите во 2016 да биде одлучувачки фактор за формирање на владините коалиции, така ќе ја направи и овојпат. Без ДУИ нема да има Влада и без барањето на ДУИ секако дека нема да може да се формира Владата“, додава Адеми.
Во меѓувреме ниту една албанска партија не ја оспорува идејата за премиер Албанец, но се против ДУИ. За Движењето Беса ова е популизам за добивање ситни политички поени. Од Алијанса за Албанците велат дека идејата е резултат на стравот на интегративците од пораз и ја прашуваат партијата зошто ова не го побарала на претходните 6 изборни циклуси на кои има победувано досега? Алтернатива вели дека ова е шега со Албанците, а ДПА на став дека ваквата идеја е само голема манипулација.
