Инспекторатот за животна средина без услови за работа – Стојковски: Имаме недостиг на канцеларии, административци и возила

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Недостиг на канцеларии, административни службеници и теренски возила, се само дел од проблемите со кои се соочува Државниот инспекторат за животна средина. Директорот, Сретен Стојковски вели дека во моментов работат со само 21 инспектор, иако се потребни 53, согласно систематизацијата.

Инспекторатот за животна средина во првите шест месеци од годинава реализирал 1.057 инспекциски надзор од кои 692 редовни, 185 вонредни и 180 контролни инспекциски надзори.

Стојковски на денешната прес-конференција по повод презентација на полугодишниот извештај, рече дека во период јануари-јуни 2022 година, инспекциските служби утврдиле 233 неправилности, за кои се изготвени 212 решенија.

Во овие шест месеци, инспекторите постигнале 15 спогодби, изрекле осум платни налози, 12 прекршочни и една кривична постапка. За овие мерки, во буџетот на Министерството за животна средина се префрлени над 170 илјади евра.

Во првите шест месеци примени се 66 претставки од граѓани, од кои повеќето се однесувале за управување со отпад, палење стрништа, димење, бучава и сечење градско зеленило.