Институциите ќе ја одредат помошта за Украина – Џафери бара да се донесе Декларација за злосторствата во Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За помошта на Украина за која претседателот на Собранието Талат Џафери ја вети при посетата на оваа земја ќе треба да решат институциите, рече шефот на парламентот по враќањето од Киев. Тој појаси дека Украина ќе добие различен вид помош од Македонија во зависност од потребите кои подоцна ќе бидат определени од институциите, а ако биде потребно и воена помош.

„Подготвеноста за поддршка во било кој аспект тоа не е само личен став на претседателот на Собранието, туку се работи на обврски на државата кои што се во рамки на мерките што се преземени како членка на НАТО како кандидат за членување во Европската унија и од таму произлегуваат тие обврски. Сега конкретно кои се работите, тоа надлежните институции во соодветно време ќе можат да ги соопштат. Се подразбира, членка на НАТО во рамките на она што е одлука на НАТО, секако и воената помош е во тие рамки на помошта и поддршката“, истакна Талат Џафери.

Од Владата за ТВ21 велат дека доколку има нова одлука за помош на Украина ќе биде објавено, додека од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски со став дека помошта кон оваа земја е согласно нашите можности и потребите на НАТО.

„Помошта која Владата на Република Северна Македонија ја обезбеди досега за Украина е јавно соопштена, а воедно и за секоја нова одлука поврзана со ова прашање, јавноста ќе биде навремено известена“, велат од Влада за ТВ21.

„Помошта за Украина која Северна Македонија ја дава, редовно се испорачува согласно нашите капацитети и планови, како и во координација со нашите НАТО сојузници“, велат од Кабинетот на Претседателот за ТВ21.

Џафери воедно побара и македонскиот парламент да се изјасни за злоделата што се случуваат во Украина, преку Декларација на Собранието.

„Мислам дека како Собрание треба да размислиме по однос на дефинирањето на состојбите во Украина во однос на злоделата кои што се направени таму и тоа во координација секако ќе бидеме со другите чинители во државата да се иницира и таква Декларација на Собранието“, порача Талат Џафери. 

Џафери во Украина беше во посета на покана на украинската Рада заедно со претседателите на Швајцарија и Романија. Тој во Киев имаше средби со украинскиот претседател Володимир Зеленски како и со неговиот украински колега Руслан Стефанчук.