Интервентниот план ќе се спроведе до крај затоа што секоја инвестиција значи подобар живот, вели Битиќи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Интервентниот план ќе се спроведе до последен момент затоа што секоја инвестиција значи подобар живот. Ќе обезбедиме онолку пари колку што е потребно за подобар живот на граѓаните во наредните неколку години, истакнува вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во интервју за МИА.

Најголемите инвестиции ќе бидат во енергетиката и во преминувањето кон обновливите извори на енергија, но солидни средства ќе бидат одвоени и за преработувачката индустрија и производството, кои се важен сегмент за домашната економија, посочува вицепремиерот.

– Економија во која 20 проценти опфаќа преработувачкиот сегмент не е економија која би требало да каже колку сме ние битни. И ние тоа мораме да го смениме. Да прераснеме во економија со која ќе не препознаваат како земја на можности, на стартапи, земја која е еднакво конкурентна со сите други по она што го произведуваме, вели Битиќи.

Смета дека премногу долго се тапкало во место и дека е жално во 2021 година да се зборува за пристап до вода за пиење, пречистителни станици и канализациони мрежи.

– Ако би имал механизам сето ова да го решам до Нова година, би го решил, но немам и затоа треба одредено време. Но, укажувам дека нема да има никакви отстапки и компромиси дали треба да се најдат или не пари. Јас сум еден од оние гласноговорници кои велат – ако треба ќе се задолжиме само на граѓаните да им ги обезбедиме елементарните потреби, нагласува Битиќи во интервјуто за МИА.