Нуклеарните разговори меѓу Иран и САД „нема да водат никаде“ ако Вашингтон инсистира Техеран да ја намали својата активност за збогатување ураниум на нула, изјави денес заменик-министерот за надворешни работи Маџид Тахтраванџи.
Американскиот специјален претставник Стив Виткоф вчера го повтори ставот на Вашингтон дека секој нов договор меѓу САД и Иран мора да вклучува договор за незбогатување на ураниум со цел да се спречи развој на нуклеарни бомби. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирни цели.
„Нашиот став за збогатувањето е јасен и постојано повторуваме дека тоа е национално достигнување од кое нема да се откажеме“, рече Тахтраванџи.
За време на неговата посета на регионот на Персискиот Залив минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е многу блиску до постигнување договор, но дека Иран мора да дејствува брзо.
