Клиниката за детски болести со недостиг на кадар, откако МФ дало негативен одговор за повеќе вработувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вработувањата на Клиниката за детски болести, односно недостигот на кадар за кој говори директорот Реџеп Мемеди, предизвикаа несогласувања меѓу него и Министерството за финансии. Мемеди се жали дека уште од првиот ден како директор се соочувал со голем притисок од одделенијата на клиниката и нивните раководители, кои барале ангажирање на среден медицински персонал, особено медицински сестри.

Како што објаснува, на почетокот на 2025 година испратил официјално барање до Министерството за финансии за добивање согласност за ангажирање нов персонал преку договори на дело, при што најголемиот дел биле медицински сестри, технички персонал и хигиеничари.

„Во декември 2025 година до Министерството за финансии испративме барање за продолжување на истите согласности за овие работници со договор. Официјалниот одговор од Министерството за финансии го добивме негативен на 22.04.2026 година. Во моментот кога го добивме негативниот одговор, ги информиравме работниците дека нивните договори не можат да бидат продолжени бидејќи Министерството за финансии не дало согласност за исплата на ангажираните лица. Од тој ден се соочуваме со сериозен недостиг на работници и се доведува во прашање организацијата на работата и квалитетот на здравствените услуги за нашите пациенти“, изјави Реџеп Мемеди, директор на Клиниката за детски болести.

Недостигот на медицински сестри довело до спојување на две одделенија на Клиниката за педијатрија во едно. Поточно, Одделот за имунологија ќе биде споен со Одделот за пулмологија.

Директорот Мемеди изјави дека Одделот за имунологија не е укинат, туку спојувањето е направено поради недостиг на медицински кадар. Според него, голем број медицински сестри, согласно законот, се ослободени од дежурства, дел се пред пензионирање, а други се на породилно отсуство.

„Од 144 медицински сестри ангажирани на оваа клиника со редовен работен однос, 25 се постари од 60 години, возраст со која во текот на оваа и наредната година ги исполнуваат условите за пензионирање и ќе заминат во пензија. Петнаесет медицински сестри се постари од 57 години и согласно законот се ослободени од дежурства. Единаесет медицински сестри работат со скратено работно време, согласно решенија издадени од надлежни институции за социјална заштита“, изјави Реџеп Мемеди, директор на Клиниката за детски болести.

На прашањето зошто Министерството за финансии дало негативен одговор за околу 50 вработени во Детската клиника, кои тврдат дека од јануари не примиле плата и немаат регулиран работен статус, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека податоците поврзани со ова прашање не биле точно презентирани.

Според неа, минатата година, кога биле побарани согласности за договори на дело, истовремено била дадена согласност и за вработување на 38 лица на неопределено време. Оттука, според Кочоска, Министерството не одбило согласности за лекари и медицински персонал.

Министерката додаде дека кога станува збор за техничкиот персонал, вработувањата треба да се реализираат согласно финансиските можности на институцијата, со што одговорноста ја насочи кон раководството на клиниката.