Иранска хакерска група накратко ја презеде веб-страницата на албанскиот парламент

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Веб-страницата на албанскиот парламент беше накратко преземена од страна на иранска хакерска група која објави порака со закани и тврдења дека поседува интерна комуникација на пратениците.

Групата „Татковинска правда“ тврди дека обезбедила пристап до разговорите и електронската преписка на „корумпираните членови на парламентот“ во последните месеци. Во објавената порака, хакерите упатија директни закани кон албанските власти, нагласувајќи дека се „многу поблиску отколку што мислат“ и дека „овој срам ќе остане засекогаш“.

Неколку часа по нападот, веб-страницата повторно стана достапна, а институциите не соопштија детали за евентуална штета или протекување на податоци.

Нападот се случува во контекст на напнати односи меѓу Албанија и Иран. Тирана во септември 2022 година ги прекина дипломатските односи со Техеран, обвинувајќи го за масовен кибернапад врз државните институции.

Според медиумските извештаи, иранската Исламска револуционерна гарда разгледувала можност за напад врз кампот на Народните муџахедини на Иран (МЕК) во Албанија, но портпаролот на организацијата, Шахријар Киа, ги оцени информациите како пропаганда. Кампот Ашраф-3, близу Драч, од 2013 година сместува повеќе од 3.000 членови на МЕК.