Испуштале фекални води во атмосферска канализација – еколошки криминал во Тетово: Компанија ја загадувала градската мрежа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

При теренските инспекции, екипите на комуналното претпријатие од Тетово се соочиле со нешто што може да се смета за еколошки криминал. Голема компанија, целосно игнорирајќи ги законот и јавното здравје, ја приклучил мрежата за фекални води директно во атмосферската канализација.

„На терен, како што можете да видите зад мене, поставена е фекална канализација, која и во документацијата е заведена како фекална канализација, но е приклучена во атмосферска канализација. Станува збор за трговски центар кој повеќепати бил предупредуван да го отстрани овој приклучок, бидејќи претставува голема штета за граѓаните на Тетово. Не може голем трговски центар да ја приклучува фекалната канализација во атмосферската, бидејќи тоа претставува сериозно загадување за градот. Недај Боже да се случи природна непогода, тогаш ќе се соочиме со уште поголем проблем“, изјави Ваљон Зеќири, директор на ЈКП Шари.

Од претпријатието „Шари“ велат дека уште поскандалозно е тоа што приклучувањето на компанијата во канализациската мрежа во април 2021 година било направено за сума од само 44 илјади денари – износ што денес граѓаните го плаќаат за приклучок на водовод и канализација.

Повеќекратните известувања на претпријатието досега не дале резултат за бизнисите легално да се приклучат на водоводната мрежа во Тетово. Поради тоа, комуналното претпријатие започнало со поставување дигитални водомери кај најголемите потрошувачи во градот.

„Ги предупредивме да не се врши кражба на вода, бидејќи тоа создава големи проблеми за обичните граѓани кои редовно ја плаќаат водата секој месец. Апелиравме да дојдат во претпријатието ’Шари‘, да ги евидентираме проблемите што ги имаат и легално да ги приклучиме на водоводната мрежа со соодветна документација, за потоа редовно да ги подмируваат сметките за вода“, изјави Ваљон Зеќири, директор на ЈКП Шари.

Како најголеми потрошувачи на вода се сметаат трговските центри, рестораните и автопералните.