Иста професија, различни плати – синдикалците бараат докторите да имаат иста почетна плата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Унифициран колективен договор, според кој почетната нето плата на лекарите од другите градови и од Скопје ќе биде иста, запирање на движењето на здравствениот кадар од другите градови кон Скопје, како и зголемување на платите на здравствените работници. Ова се барањата на Независниот синдикат на здравствени работници, чии претставници имаа средба со министерот за здравство.

„Нашето барање како синдикат е да имаме унифициран колективен договор, според кој еден гинеколог од Струмица ќе добива иста почетна нето плата како гинеколог од другите градови и од Скопје, бидејќи нето платата на гинеколог е различна во Струмица и во Скопје“, порача Боби Бојчевски.

Бојчевски исто така информираше дека просечната плата на еден општ лекар изнесува 45 илјади денари, а со дежурства достигнува до 50 илјади денари. За овие и други забелешки, од Министерството за здравство соопштија дека разговорите ќе продолжат со цел подобрување на состојбите.

„Вработувањата, медицинската опрема, специјализациите во здравствените центри, миграцијата на лекарите, предизвиците со кадарот во Итната медицинска помош, како и унапредувањето на системот „Мој термин“, беа дел од темите на денешната средба, за кои министерот истакна дека се во тек иницијативи за подобрување“, вели Азир Алиу.

Од здравството заклучуваат дека социјалниот дијалог е клучен инструмент за градење одржлив и функционален здравствен систем, за навремено идентификување на проблемите и изнаоѓање системски решенија.