„Ова е озлогласениот канал што затру илјадници жители на градот Гостивар. Во текот на денешниот ден, полицијата заедно со Обвинителството ги заплени пумпите кои од овој канал ја внесувале водата во резервоарот што го снабдува градот Гостивар.“, вели новинарот на ТВ21, Сенат Зилбехари.
По налог на Обвинителството, покрај водните пумпи, вчера беше одземена и целокупната документација од јавното комунално претпријатие.
Градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, зборувајќи за состојбата, истакна дека негов приоритет останува здравјето на граѓаните и што е можно побрзо повторно обезбедување вода за пиење за гостиварци.
„Во овој момент, здравјето на граѓаните е на прво место и е наш најголем приоритет, како и нормализирањето на состојбата и повторното снабдување на граѓаните на Гостивар со вода.“, рече Лимани.
Во Гостивар денеска се состанаа градоначалниците од Полошкиот плански регион, при што претседателот на регионот, Блерим Сејдиу, увери дека сите општини од Полошкиот регион се подготвени да помогнат.
„Бевме информирани од Општина Гостивар дека екипите работат на терен. Нашата порака, покрај тоа што покажува дека здравјето на граѓаните е приоритет, е и порака на солидарност со Општина Гостивар. Сите општини од Полошкиот Регион, заедно со другите институции што денес се присутни тука, ќе помогнат со сите капацитети што ги имаме, за да покажеме солидарност со граѓаните и со градоначалникот на Општина Гостивар.“, изјави Сејдиу.
Вчеравечер, Општина Тетово по вторпат испрати цистерна со техничка вода за болницата и за жителите на Гостивар. Владата, Општина Гостивар и донаторите обезбедуваат вода за пиење на пет пунктови низ градот.
