Започна бесплатната вакцинација против сезонскиот грип – Клековски: Спречува компликации, нема подобра заштита!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство, Сашо Клековски, се вакцинираше против сезонскиот грип во Институтот за јавно здравје, со што беше означен и почетокот на бесплатната имунизација за ранливите категории граѓани.

„Денеска се вакцинирав, се пријавив за вакцината против сезонски грип како хронично болен и сакав на овој начин да ја промовирам и потребата од вакцинација. Нема подобар начин да се заштитите од сезонскиот грип доколку имате над 65 години, имате хронично заболување, сте бремени или имате мало дете“, вели Сашо Клековски.

Граѓаните добиваат СМС-пораки со информации за тоа каде и кога можат да ја примат вакцината. Клековски вели дека најмногу пријавени има во Скопје, Прилеп, Струмица и Тетово.

Пулмологот Каркински апелира до граѓаните со заболувања на дишните патишта да се имунизираат и да се заштитат од компликациите предизвикани од грипот.

„Многу е важно, покрај пациентите со хронични заболувања, да се вакцинираат и оние со респираторни заболувања, бидејќи во декември и јануари имаме огромна гужва. Пациентите треба да го заштитат своето здравје, бидејќи се зголемува бројот на смртни случаи, а тоа можеме да го избегнеме со вакцинација.“, вели Димитар Каркински.

Инаку, во земјава веќе пристигнаа првите 30.000 дози, а според најавите на здравствените власти, до 15 ноември се очекува да пристигне и втората пратка од 26.000 вакцини. Се очекуваат и дополнителни количества, со што вкупниот број вакцини и оваа година, исто како и минатата, ќе достигне 80.000 дози. Досега, преку платформата vakcinacija.mk, се регистрирале повеќе од 50.000 граѓани. Здравствените власти очекуваат секој ден да се вакцинираат околу 1.000 лица.