ИВЗ не ја дочека одлуката на Владата – ги објави мерките за бајрамската молитва и празникот Бајрам

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Повикот за молитвата ќе се слуша и в недела за празникот Бајрам, но дали муслиманските верници ќе можат да одговорат на повикот зависи од одлуката на Владата – дали ќе има или не полициски час“, истакна репортерката на ТВ21.

И додека се очекува Владата да донесе одлука по предлогот на Комисијата за заразни болести за времетрањето на полицискиот час во претстојниот викенд, односно за празникот Бајрам, ИВЗ ги објави мерките и насоките околу тоа како верниците треба да се однесуваат за време на бајрамската молитва.

-Молитвата за Сабах да се обавува дома,
-Бајрамската молитва да не биде подолга од 15 минути,
-Максимално да се избегнат поздравите со физички контакт,
-Окажување од посета на гробишта,
-Традиционалните посети да бидат што е можно помалку.

Меѓу другото ИВЗ препорачува да се запазат мерките за дезинфекција, социјалната дистанца и да нема собирање во групи. Првиот човек на ДПА, препорачува земјата да го следи примерот на Турција за празникот Фитр Бајрам.

„Ние како држава иако не сме дел од многу развиените земји треба да следиме како се однесуваат западните развиени држави. Од друга страна како муслимани исто така треба да ги следиме развиените држави кои имаат мнозинство муслимани, и дозволете ми во овој слуај како пример да ја земам Турција и да им веруваме на овие држави. Особено го следев ставот на Владата на Турција, институциите и Претседателот на Турција и велам дека Турција како држава со над 90% муслимани се разликува од другите муслимански држави бидејќи е членка на НАТО и е тестирана со демократската власт преку слободно гласање и коректни и демократски избори“, истакна Мендух Тачи.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, не се согласуваат да има полициски час за Бајрам и за празникот Свети Кирил и Методиј.

„Нелогично е да се најавува дека рестораните ќе работат од вторник, а да е задолжително седење дома за време на целиот продолжен викенд. Со други зборови недела и понеделник за Владата на СДСМ е опасно, а вторникот не е. Според кои критериуми е донесена ваква препорака? ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека е престрога мерката и за целосен полициски час за празникот Велигден, и сега кога е празникот Бајрам“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Комисијата за заразни болести бара полицискиот час да почне во сабота од 19 и да трае до вторник до 5 часот. Причината поради која е побаран продолжен полициски час, според министерот Венко Филипче е зголемувањето на бројот на нови позитивни случаи изминативе денови кои се должат на настани и семејни собири.