Избега од војната, а во Скопје донесе на свет девојче, мајка од Украина раскажува за потешкотиите при тридневната евакуација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е Оксана Горкова од Киев. Таа вчера стана мајка по вторпат и на свет донесе девојче. Вели дека во Македонија дошле кога почнала руската инвазија во Украина, бидејќи нејзиниот сопруг е од Свети Николе. Таа за ТВ21 раскажува за перипетиите и потешкотиите на кои наишла за да влезе во нашата земја. Патувањето траеше три дена, ја почнува приказната Оксана.

-Бев во 39-тата недела кога почна сѐ, кога почна војната. Бев преплашена од сите евакуации, алармите и од тоа што ќе се случи , поради тоа одлучивме да заминеме, да дојдеме во Македонија за да можам да се породам и ништо да не влијае врз бебето или врз мене. Дојдовме со автомобил, патувавме 3 дена, односно 72 часа. Тешко беше, имаше гужва во сообраќајот, а граничните контроли се вистинско лудило, вели Горкова.

Таа се надева дека состојбата во Украина наскоро ќе се подобри, за, како што вели, да можат да се вратат во своето родно место.

-Ќе треба да се вратиме во Украина, секако бидејќи таму оставивме сѐ. Имаме работа таму, сопругот работи таму, а и сестра ми. Кога состојбата ќе се подобри и кога ќе запрат сите воени дејствија ќе се вратиме, рече Горкова.

Докторката Кристина Скераповска вели дека бебето се родило 3 килограми и 800 грама, а долго е 54см. Се наоѓа во добра здравствена состојба, и покрај потешкотиите низ кои поминала мајката неколку дена пред породувањето.

Лекарката Скераповска вели дека мајката и новороденчето ќе бидат пуштени од болница откако ќе ги поминат сите редовни контроли.