ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на предвремените локални избори во Штип и Пласница. Веста ја објави опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, кој додаде дека ниту една политичка кариера, а уште помалку на Заев и Бочварски, не е поважна од здравјето на граѓаните. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, потврди дека СДСМ и ДУИ останаа сами во обидите за одржување на изборите, во време кога, како што вели, секој нормален човек би бил „за“ нивно одлагање.
Во однос на одлуката ВМРО-ДПМНЕ да не учествува на локалните избори во Штип, очигледно е дека не станува збор за некаков страв од пандемија, туку наједноставно кажано станува збор за страв од уште еден пораз на Христијан Мицкоски, писмено се огласи екс градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски
„За жал играта е иста како за предвремените парламентарни избори. Тој беше загрижен сè до моментот додека не се согласи за датум. После во цела кампања не го спомна корона вирусот.После ова е јасно дека конгрес мора да има. Ова не личи на ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Ивица Коневски.
На полноќ истекува рокот за доставување на кандидатури во ДИК за предвремените локални избори во Штип и Пласница. Со или без опозициски кандидати, изборите во овие две општини ќе се одржат. Портпаролот на Државната изборна комисија, за ТВ21 објаснува дека според Изборниот законик и Роковникот, по истекот на рокот за доставување кандидатури, процедурите течат без оглед колку кандидатури има доставено.
„ДИК ќе постапува согласно своите надлежности, запазувајќи ги сите рокови кои течат согласно одлуката за одржување на локални избори за градоначалници на Штип и Пласница, на 13 декември 2020 година, донесена од претседателот на Собранието“, посочи Адмир Шабани.
Пред неколку дена албанската опозиција побара изборите да се одложат поради пандемијата. Од ДУИ рекоа дека барањето на обединетата опозиција Алијанса-Алтернатива-ВМРО за неодржување на изборите е во функција на избегнување порази и сносење одговорност за истиот. СДСМ уверува дека изборите ќе се одржат согласно протоколите за заштита од Ковид-19.
Неучеството на опозицијата на локалните избори во овие две општини, им остава слободен терен на двете владејачки партии, СДСМ и ДУИ. Социјалдемократите кои раководеа со Штип, за кандидат ќе го имаат Сашко Николов, а Трајче Митев ќе биде независен кандидат. Во Пласница пак, со која раководеше кадар на ДУИ, нивен кандидат ќе биде Алија Јаоски. Доколку бидат избрани, тие ќе бидат градоначалници само 10 месеци, бидејќи редовните локални избори треба да се одржат наесен следната година.
