Изборот на Мерко е правилен, вели Груби – Алијанса/Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ со имиња до крајот на месецов

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По примерот на СДСМ и ДУИ на локалните избори ќе оди со стари имиња. Од партијата на Ахмети веќе обелоденија 20-тина кандидати за градоначалници на изборите наесен, но тие се главно стари кадри. Некои од нив во јавноста имаа големи критики за начинот на раководење на општината и трошењето на општинските пари, како што е тоа Рамиз Мерко кој повторно е кандидиран за Струга, но и Теута Арифи за Тетово. Од останатите кандидати Висар Ганиу ќе бара уште еден мандат за Чаир, за Кичево Фатмир Дехари, за Дебар Хекуран Дука, Гостивар Невзат Бејта. Артан Груби од ДУИ вели дека за сите кандидати се направени анализи и дека донеле правилна одлука.

„Направивме анкети посебни во сите градови и тоа по илјада луѓе анкетирани во секој од тие градови и ни покажа дека имињата кои ги претставивме се всушност најподдржани од сите граѓани, но не само од една заедница туку од сите заедници вклучително и примерот со господинот Мерко“, истакна Артан Груби.

За сега се уште е неизвесно во опозициската Алијанса Алтернатива каде се уште се водат преговори околу имињата на кандидатите, но и за листата на советници. Единствено е сигурно дека за Гостивар повторно ќе се кандидира Арбен Таравари, потоа за Чаир Беким Сали, а од коалицијата открија уште неколку имиња.

„Од следната недела ќе почне утврдувањето на кандидатите по секоја општина. За сега има одлука од Централното Претседателство да се кандидират за втор мандат Арбен Таравари во Гостивар, Исен Шабани во Врапчиште и Албон Џемаили во Боговиње. Освен нив, во три ограноци има консензус и номинирани се Беким Поцеста за Дебар, Махир Зибери за Желино и Назим Таипи за Теарце, кој доаѓа од дијаспора, докажан стопанственик во Швајцарија и во Тетово“, велат од Алијанса/Алтернатива.

Иако имаше најава дека е можно на локалните избори да договорат поддршка со опозициската ВМРО-ДПМНЕ и тоа уште на првиот круг за сега ваквата коалиција само се навестува.

„За коалициите ги разгледуваме најдобрите соработки кои ќе бидат во корист на граѓаните. Ќе очекуваме поддршка за нашите кандидати од сите оние кои се одлучни да им стават кај на криминалот на СДСМ и ДУИ и владините партнери. Соработката ќе биде различна според спецификите на општините, според тежината на политичките партии и околностите“, додаваат Алијанса/Алтернатива.

Од ВМРО ДПМНЕ се уште калкулираат со имиња. Велат дека ги прават последните сондажи пред да ги објават кандидатите но посочуваат дека тоа ќе бидат сосема нови имиња.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со над 95 проценти нови имиња како кандидати за градоначалници, нормално и со нови советнички листи. Некаде во втората половина на август ќе бидат објавени некаде после средината на овој месец, но веднаш штом се завршат сондажите ќе биде објавено во јавноста“, посочи Димче Арсовски.

Иако СДСМ претходно најави дека втората група кандидати за градоначалници ќе ги објави на почетокот на овој месец за сега се уште нема ништо. Поставивме прашање до партијата кога ќе излезат во јавноста со кандидатите, но оттаму не добивме одговор.