Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека веќе е избрана банката која ќе ја финансира изградбата на брзата железница од Грција до Србија. Не соопшти која е таа банка, бидејќи, како што вели, тоа може да влијае на нејзините позиции кај акционерите и на берзите. Вели и дека пругата ќе почне да се гради кон средината на 2026 година.
„Банката е избрана, ние кажавме дека индикативна понуда избравме. Сега во моментот работиме на конечна, паралелно се работат овие подготвителни работи, и како што кажав до летово ќе имаме багери на терен, а сето тоа во еден пакет ќе оди во Собрание, кога ќе сме целосно завршени. Секако, тука ќе треба да оди и избор на изведувач. Во однос на изведувач, ќе одиме со таканаречен конкурентен дијалог, така што тоа ќе биде еден транспарентен процес, исто така каде што ќе биде запознаена целата јавност“, вели Александар Николоски, министер за транспорт.
Овој проект е предвидено да чини околу две милијарди евра и е дел од стратешкиот договор со Велика Британија. Николоски најави и интензивирање на изградбата на пругата кон Бугарија и смета дека иако кај нашиот источен сосед има политичка криза, тоа нема да влијае на реализацијата на третата фаза за железничко поврзување меѓу двете држави бидејќи Договорот е меѓудржавен.
„Без разлика на состојбата во Бугарија, на мојата втора средба со Гроздан Караџов потпретседателот на бугарската Влада, која што се случи во Брисел сега скоро, ми даде ветување дека Бугарското национално собрание исто така ќе го ратификува договорот, а најдобра потврда за ова што кажува е дека вчера и завчера се случи првата средба на техничко ниво помеѓу директорите на двете железнички инфраструктурни претпријатија и нивните тимови во Софија“, вели Александар Николоски, министер за транспорт.
Николоски очекува проектот за железницата да биде финансиран и преку СЕФА програмата, која не е достапна за Македонија, но дека Брисел ќе го смени ова. Ако се случи ова, тогаш парите ќе бидат како грант, односно неповратни.
