„Измените на Кривичниот закон беа голема грешка“ – Филипче бара власта да го донесе новиот закон што претходно е изготвен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По неполна година откако беа усвоени измените на Кривичниот законик претседателот на СДСМ Венко Филипче признава дека со тоа е направена голема грешка. Поради тоа, тој рече дека во Министерството за правда веќе има изготвен нов закон додека СДСМ беше на власт, но бара од актуелната Влада да го процесуира и да го стави во јавна дебата и заедно со консензус да биде донесен. Доколку тоа не го направи, најавуваат дека тие самите ќе го достават како предлог во Собранието.

„Мора да бидеме чесни и да признаеме дека згрешивме со измената во Кривичниот законик. Има изготвен нов Кривичен закон кој што е почнат во 2017 година од министерката Дескоска, тој е готов, завршен. Апелирам Владата да го стави на јавна расправа. Тој нов Кривичен закон е направен целосно во координација со меѓународни институции по теркот на Кривичниот закон во Германија“, вели Венко Филипче.

Премиерот Мицкоски пак вели СДСМ со измените на Кривичниот закон си обезбедија застарување на нивните дела, а сега бараат нов закон.

„Студент на прва година Правен факултет знае дека секое лице кое што ќе биде процесуирано ќе го користи оној закон кој што во времето на сторување на делото е апликативен. И сега си донесоа закон за да ги амнестираат своите криминали и на оние политичари кои што од минатото им беа потребни за да им застарат дел од делата и сега ќе носиме нов закон. Ќе носиме нов закон, точно, немаме ние проблем да носиме нов закон но тој закон ќе биде согласно европските закони, а не како некому што му треба“, порача Христијан Мицкоски.

Во однос на работењето на Владата во првиот месец од нејзиното владеење Филипче оцени дека е многу лошо, се преземаат погрешни чекори и, како што рече се води политика на гол популизам со исправена кичма само за дома. Процесот на евроинтеграции како со временска машина го вратија 10 години назад. Се што најавуваа дека ќе направат погазија, рече Филипче, но според него е што како што рече, државата се носи во чуден и нејасен стратешки правец. Тука тој се задржа на кредитот од Унгарија.

„Прво е сосема нелогично зошто една земја која што нема пари да даде туку се задолжува од друго место се задолжува со многу поголема каматна стапка нас ни дава заем со помала каматна стапка. Се прашуваме дали се крие нешто зад тоа. Инсистираме Владата што побрзо да го даде законот за заем во Собранието, но и да се каже кое е потеклото на парите. Дали за тоа можеби се крие некаква друга тенденција, дали можеби има идеја од некои компании во Унгарија да се преземаат тука кај нас медиуми“, вели Венко Филипче.

За обвинувањата кои деновиве доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека Филипче додека бил министер се стекнал со хациенда и скап џип, тој тоа го отфрла. Јас нема ниту хациенда, ниту луксузно возило, сликите што ги покажува ВМРО-ДПМНЕ тоа не се мои куќи, тоа е куќата на таткото на мојата сопруга, рече Филипче.