Израел го нападна Иран – тврди дека мета биле воени објекти, но погодени се и станбени згради

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Израел го нападна Иран…

Експлозии, густ црн чад и сирени кои предупредуваат за опасност ги разбудија жителите на Техеран рано утринава. Израел спроведе воена операција, за која тврди дека цел биле воено објекти.

Сепак, од видеата кои беа снимени во главниот град на Иран, покажуваат дека се погодени и станбени згради, во кои живеат цивили…

-Оваа зграда каде што живееме експлодираше. Не знам дали ја погодија со ракета или нешто слично. Не знам што се случи со соседните станови, изјави жител на Техеран.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, веднаш по нападот изјави дека операцијата ќе продолжи се додека не се уништи нукреалрната програма на Иран.

-Удривме во срцето на иранската програма за збогатување ураниум. Удривме во срцето на иранската програма за нуклеарно оружје. Го нападнавме главниот објект за збогатување ураниум на Иран во Натанз. Ги нападнавме водечките нуклеарни научници кои работат на ирански бомби. Исто така, нападнавме во срцето на иранската програма за балистички ракети, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси информираше дека иранскиот нуклеарен објект во Натанз за збогатување на ураниум, претрпел сериозна штета, но не било забелеежано радиоактивно зрачење.

Иран планира „силно да возврати“ на израелскиот напад, објавија тамошните медиуми. Веднаш по израелскиот напад, Иран лансирал околу 100 беспилотни летала, кои биле соборени од израелската армија. Според иранските државни медиуми, во израелските напади биле убиени неколку високи ирански воени функционери и нуклеарни научници, меѓу кои и Хосеин Салами, командант на Иранскиот корпус на револуционерната гарда.

Земјите ширум светот реагираат на израелските напади врз Иран, при што неколку изразија загриженост, а други го критикуваат потегот.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека немало вмешаност или помош на САД во нападите.