Европратениците денеска на пленарна седница во Стразбур треба да ја усвојат конечната верзија на извештајот за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Известувач за земјата е европратеникот Томас Вајц, а на дневен ред се и извештаите за уште четири држави од Западен Балкан.
Покрај извештајот за Македонија, Европскиот парламент ќе гласа и за документите за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Известувачите за петте земји вчера ги претставија извештаите пред европратениците, а во дебатата учествуваше и комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос.
Известувачот за Македонија, Томас Вајц, оцени дека Западен Балкан бил и останува „поле за играње на странски сили“, потсетувајќи на етничките конфликти кои го зафатија регионот во 1990-тите години.
Вајц посочи дека постојат две земји кои избегнале масовно насилство – Црна Гора, која е водечки кандидат за пристапување, и Македонија, која според него исто така може да биде меѓу земјите кои ќе напредуваат побрзо кон членство во ЕУ.
„Да, можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите што е можно побрзо, но исто така мора да признаеме дека и ние во ЕУ дадовме ветувања што не ги исполнивме“, рече Вајц.
Тој нагласи дека земјите кандидати, меѓу кои и Македонија, имаат волја за спроведување на потребните реформи и дека тоа треба да биде поддржано преку постепена интеграција во европските механизми.
Како примери ги посочи делумната интеграција во пазарот, роамингот и Единствената европска платежна зона, со цел да се зачува мотивацијата на земјите од регионот.
Според Вајц, пристапувањето на земјите од Западен Балкан би донело безбедносни и економски придобивки за Европската Унија. Тој оцени дека по Црна Гора и Албанија, Македонија би можела да биде следната земја што ќе се приклучи кон Унијата.
Австрискиот европратеник истакна дека е важно да не се изгуби мотивацијата кај граѓаните и институциите во Северна Македонија, додавајќи дека смета оти прашањата поврзани со идентитетот го оптовариле целиот регион.
Вајц порача дека Европската Унија не бара усогласување на историските учебници ниту оспорување на националните идентитети како услов за европска интеграција.
„Она што не е дел од европското законодавство се 100 отсто идентични историски учебници. Ова не е нешто што се обидуваме да го постигнеме ниту што сме го постигнале со соседните држави“, изјави тој.
Тој додаде дека не би се осмелил да го доведе во прашање идентитетот на соседна земја и нагласи дека меѓусебното прифаќање и почитување меѓу соседите е основа за соработка.
„На нас во Европската Унија е да го поддржиме дијалогот, да помогнеме во враќањето на довербата и повторното градење на добрите билатерални односи – во овој случај меѓу Бугарија и Северна Македонија, но и во целиот регион“, порача Вајц.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, изјави дека е време за поголема интеграција на земјите од Западен Балкан, со цел да се надминат грешките од минатото.
Таа посочи дека земјите од Западен Балкан, но и Украина и Молдавија, се соочуваат со хибридни закани.
„Колку повеќе напредуваме во процесот на проширување, толку повеќе напади има. Ако не успееме да ги интегрираме и да им помогнеме да се спротивстават на дејствијата што се обидуваат да ги оддалечат од европскиот пат, други ќе дојдат и ќе ги искористат како оружје против нас“, рече Кос.
Во однос на процесот на пристапување, таа нагласи дека нема кратенки и дека интеграцијата се заснова на заслуги и исполнување на критериумите.
Кос додаде дека Европската комисија работи на постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во различни области, а најави и дека на Комисијата ѝ е даден мандат да преговара за бесплатен роаминг за земјите од регионот.
