Изворите во Тетово се уште незаштитени – Касами тоа го вети за првите 100 дена, сега чека на министерството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И понатаму незаштитени се изворите на планината Шара кои го снабдуваат Тетово со вода за пиење. Вакво ветување за првите 100 дена од мандатот даде градоначалникот на општината Биљал Касами, каде меѓу 30-те точки беше и заштита, односно заградување на изворот на вода во Лешница. Касами сега го обвинува Министерството за животна средина.

„Не се случило бидејќи првично нема студија за заштита на ресурсите, точен елаборат и врз основа на законот, кое е заштитено подрачје на ресурси, тоа најчесто треба да се направи во соработка со Министерството за животна средина и други централни институции. Покажавме подготвеност и интерес истото да се случи, но такво нешто не постигнавме, а понатаму и официјално ќе побараме да се состави студија за заштитеното подрачје и на Лешница и на Вакаф на Шара, а потоа како општина можеме да ги планираме и заштитиме како што налага законот и редот“, вели Биљал Касами.

Од Министерството за животна средина го велат спротивното. Тврдат дека од почетокот на 2019 година доставиле извештаи за изворите на вода во Тетово, за Големиот извор на Попова Шапка, како и за Вакаф. Според нив, друго барање нема.

„До претпријатието ЈКП Тетово на 16.04.2019 година доставен е елаборат за утврдување на заштитеното подрачје на изворите на водоснабдување на Тетово, вклучително и за Големиот извор на Попова Шапка и Вакаф, со технички број ГТ-06/01/2019 година во февруари 2019 година, каде што е донесена одлуката за утврдување на потребите на заштитените подрачја бр. 08-8571/4 од 22.08.2018 година одобрена од Советот на општина Тетово. Другиот нацрт за дефинирање на заштитени подрачја до Министерството не го доставиле ниту Општина Тетово, ниту Јавното претпријатие“, порачаа од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Градот Тетово се снабдува од двата главни аквадукти на Шар планина, едниот на Попова Шапка, а другиот во Лешница.