Бугарскиот министер за одбрана Стефан Јанев неодамна во интервју истакна дека е несериозно да се употребува зборот „војна“ за руската инвазија на Украина.
Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин внимавал да избегне да го користи зборот „војна“, со кој инаку постапува прилично несериозно.
„Ако тргнеме од анализата на зборовите на Путин, тој го избегнува зборот „војна“. Да не претеруваме со оваа реторика“, рече Јанев.
По ова денеска со коментар се јави и премиер на Бугарија, Кирил Петков кој воедно најави и разрешување на Јанев од функцијата министер.
Тој вели дека на вонреден состанок на бугарската влада ќе се разговара за разрешување на министерот за одбрана Стефан Јанев, а се очекува оставката да биде изгласана на вонредна седница на Националното собрание во вторник.
Бугарскиот премиер изјави дека ниту еден министер нема право на своја политика, особено на Фејсбук.
Инаку, Јанев доцна синоќа преку објава на Фејсбук напиша дека ќе биде сменет од функцијата:
„Не очекувајте да поднесам оставка во оваа геополитичка ситуација, моите обврски како министер за одбрана не го наложуваат тоа. Доколку оставката е само прашање на процедура, сметам на коалициските „партнери“ и на политичката сила што наводно ме поддржувала, да ги придвижат работите по соодветниот ред“.
