Јаневска: Го повлекуваме „Сеопфатното сексуално образование“, програмата ќе се ревидира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за образование и наука ја повлекува програмата за изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ од средните училишта, откако во јавноста се појавија реакции во врска со нејзината содржина. Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека програмата ќе биде подложена на темелна ревизија.

Јаневска посочи дека Бирото за развој на образованието ќе ја разгледа програмата детално, „збор по збор“, и ќе се направи дополнителна анализа на нејзината содржина.

Програмата опфаќа теми поврзани со семејството, заштитата од сексуално преносливи болести и несакана бременост, како и рамноправноста и недискриминацијата. Според Јаневска, постојат научни докази дека ваквиот тип образование може да биде корисен за средношколците, но по реакциите во јавноста е потребно програмата повторно да се разгледа.

Министерката се осврна и на резултатите од меѓународното тестирање ПИСА 2025, оценувајќи ги како многу лоши. Таа нагласи дека станува збор за резултати на генерација ученици која била тестирана само шест месеци по доаѓањето на актуелната власт во 2024 година.

Според Јаневска, резултатите од тестирањето се одраз на претходните реформи во образованието, додека ефектите од реформите што сега се спроведуваат ќе можат да се оценат дури по подолг период.

„Резултатите од реформата што сега се спроведува ќе ги видиме кога овие ученици ќе наполнат 15 години, односно некаде по 9-10 години“, рече министерката.

Таа додаде дека подобрувањето на образовниот систем не зависи само од наставните програми, туку и од низа други фактори кои влијаат врз квалитетот на образованието.