Јаневска: Иднината на државата зависи од високото образование – УКИМ претстави реформи и постигнувања во квалитет, дигитализација и интернационализација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерката за образование Весна Јаневска потенцираше дека иднината на државата зависи од квалитетот на високото образование и побара заеднички ангажман за негово подобрување. На Првиот годишен форум за квалитет во високото образование, таа истакна дека владата го зголемила буџетот за наука и овозможила бесплатен пристап до базите „Web of Science“ и „Scopus“.

Јаневска најави и реформа на Агенцијата за квалитет во високото образование и подготовка на нови закони за високо образование и научно истражување, барајќи од професорите активно да придонесат во дигитализацијата, научните публикации и соработката со европските проекти.

„Првпат во Македонија има сериозен ангажман и од Владата и од Универзитетот за создавање на првиот научно-технолошки парк во земјава. Она што сакам да им го препорачам на моите пријатели, професорите, е дека заедно треба да ги направиме тешките реформи во високото образование, и ги повикувам активно да се вклучат во сè.“, вели Весна Јаневска.

Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, ги претстави резултатите на универзитетот во областите на квалитет, дигитализација и интернационализација. Таа изјави дека се усвоени правилникот и стратегијата за управување со квалитетот 2024–2029 и дека е завршена првата фаза од дигитализацијата со воведување на електронски индекс за студентите.

„Управувањето со квалитетот на Универзитетот е една од трите основни стратешки цели, покрај дигитализацијата и интернационализацијата. Управувањето со квалитетот е многу важна стратешка цел за УКИМ. Во изминатиот период воспоставивме соодветно ко-управување со квалитетот на Универзитетот, во согласност со националниот правилник за стандардите во високото образование, кои всушност се усогласени со европските стандарди за обезбедување квалитет. Изработивме стратегија за квалитет на Универзитетот за периодот 2024–2029 и прирачник за квалитет.“, вели Билјана Ангелова.

Како што беше соопштено, на УКИМ расте бројот на странски студенти и меѓународни проекти, додека главна цел останува подобрувањето на квалитетот и зголемувањето на позицијата на универзитетот на меѓународните рангирања.