Јаневска: Објавени се ранг-листите за студентските домови, нема криење на бодовите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли обвинувањата дека Министерството не ги објавува бодовите и резултатите од приемот на студенти во државните студентски домови.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со критиките од Левица, Јаневска посочи дека јавно се достапни ранг-листите и на примените и на непримените кандидати, заедно со образложение за причините поради кои одредени студенти не биле примени.

„Жалосно е што во јавноста се шират дезинформации. Ранг-листите се објавени, како за примените, така и за непримените, со објаснување зошто не се примени“, изјави Јаневска.

Според министерката, меѓу кандидатите кои не добиле место во студентските домови има студенти кои студираат седма или осма година, како и кандидати чии родители имаат високи приходи.

Јаневска нагласи дека критериумите за прием биле јавно објавени во огласот и дека кандидатите биле запознаени со условите.

Таа се осврна и на прашањето за бројот на образовни асистенти во училиштата, посочувајќи дека во моментов нивниот број е најголем досега.

Во основното образование, како што информираше министерката, ангажирани се околу 1.348 образовни асистенти, додека во средното образование има 166. Дополнителните барања за ангажирање асистенти сè уште се разгледуваат, а конкурсот е во тек.

Јаневска посочи дека учениците добиваат поддршка и преку инклузивните тимови, додека институциите продолжуваат да работат на обезбедување на потребната асистентска поддршка.

Во однос на наставата во основното училиште „Киро Глигоров“, министерката информираше дека се очекува учениците наскоро да се вратат на настава со физичко присуство.

Дополнителните училници, според најавата, треба да бидат завршени во текот на викендот, по што се очекува најдоцна од вторник наставата за сите ученици да продолжи со физичко присуство.