Второто полугодие од учебната 2025/2026 година започна денеска, откако зимскиот распуст заврши без продолжување, и покрај зголемениот број на заболени од грип. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изрази задоволство што епидемиолошката состојба не го попречи редовното одвивање на наставата.
– Многу сум среќна што бројот на заболени не е висок и дека наставата започнува навреме, изјави Јаневска.
Таа нагласи дека сите истражувања, и во светот и во Македонија, покажуваат дека колку повеќе учениците присуствуваат на настава, толку подобри се нивните резултати, стекнувајќи повеќе знаење, вештини и компетенции.
– Нашите ученици до 15 години имаат дури 900 часови помалку од врсниците во Европската Унија, чии стандарди сакаме да ги достигнеме. Потребен е ред во образованието, а повеќе време во училиште значи и подобро знаење, нагласи министерката.
Учениците се вратија на настава по редовниот тринеделен зимски одмор, а Јаневска преку социјалните мрежи им посака среќа и успех на учениците, но и на наставниците во текот на второто полугодие.
