Над еден час чекање на Табановце, задржувања и на Блаце и Деве Баир

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зголемена фреквенција на возила и подолги задржувања се бележат утринава на дел од граничните премини во земјава. Најдолго се чека на Табановце, каде патниците што ја напуштаат државата поминуваат повеќе од еден час, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Задржувања има и на граничниот премин Блаце, кон Косово, каде чекањето изнесува околу 30 минути, како и на Деве Баир кон Бугарија, каде патниците чекаат приближно 20 минути за излез од државата. На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез или излез.

Според АМСМ, коловозите се суви, но возачите треба да бидат особено внимателни при движењето низ клисурите и котлините, каде постои опасност од одрони. Ризични се делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Кочани – Делчево и Виница – Берово.

Измени во сообраќајот поради градежни работи

Возачите треба да сметаат и на забавено движење и времен режим на сообраќај на повеќе патни правци низ земјата.

На делницата Прилеп – Кавадарци, меѓу селата Беловодица и Тројаци, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента. На патот Прилеп – Битола, поради изградбата на Коридорот 10Д, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани.

На автопатот А1, на потегот од Гевгелија до граничниот премин Богородица, едната страна од коловозот е затворена, а возилата се движат двонасочно по спротивната лента.

Работи и измени во режимот на сообраќај има на делниците Кичево – Охрид и Гостивар – Кичево, кај мостот на реката Тајмишка, како и на влезот од Скопје кон Блаце и кај браната „Глобочица“ на патот Струга – Дебар.

Делницата Мало Коњари – Кривогаштани останува целосно затворена за сообраќај поради слегнување на трупот на патот.

Ограничувања за премин низ Јасен

За возачите што патуваат преку повеќенаменското подрачје Јасен, преминувањето е дозволено само во определени временски интервали.

Од Скопје кон Македонски Брод, преминот е дозволен од 07:30 до 09:00 часот, од 12:00 до 12:45 часот и од 16:00 до 18:00 часот.

Во обратна насока, од Македонски Брод кон Скопје, возилата може да поминуваат од 06:00 до 07:00 часот, од 10:30 до 11:00 часот, од 13:00 до 13:45 часот и од 18:30 до 20:00 часот.

Во меѓувреме, патниот премин низ Националниот парк Галичица, кој ги поврзува Охрид и Ресен, останува отворен за сите моторни возила со маса до 3,5 тони.

Од АМСМ се препорачува возачите пред тргнување да ги проверат условите на патиштата и да го планираат времето на патување, особено ако патуваат кон граничните премини или по делниците каде се изведуваат градежни работи.