Јапонскиот министер за земјоделство поднесе оставка откако изјави дека никогаш не купува ориз бидејќи го добива бесплатно, предизвикувајќи гнев кај јавноста во земјата што се соочува со зголемување на цените на храната, објави „Гардијан“.
Оставката на Таку Ето го зголеми притисокот врз премиерот Шигеру Ишиба, чиј неуспех да ги ограничи растечките цени на оризот и да се справи со пошироката криза со трошоците за живот ги налути гласачите пред изборите за горниот дом на парламентот во јули.
„Тукушто му ја поднесов мојата оставка на премиерот Ишиба“, изјави Ето за новинарите во кабинетот на премиерот.
Ето се соочи со повици да поднесе оставка откако изјави дека никогаш не морал да купува ориз, туку дека се потпирал на донации од неговите поддржувачи.
„Никогаш не сум купил ориз, затоа што моите поддржувачи ми донираат толку многу што практично дури би можел да продавам“, рече Ето.
Коментарот на Ето ги налути потрошувачите кои, според податоците од април, плаќаат речиси двојно повеќе за вреќа ориз отколку минатата година.
„Се прашував дали е соодветно да останам на чело на министерството во овој критичен момент, и заклучив дека не е. Уште еднаш им се извинувам на луѓето за крајно несоодветните изјави како министер во време кога се борат со зголемување на цените на оризот“, рече тој.
Недостатокот на ориз во Јапонија се припишува на голем број фактори, вклучувајќи ја слабата жетва поради топлото време во 2023 година и паничното купување предизвикано од предупредувањата за „мега земјотрес“ во 2024 година. Се верува дека и трговците на големо и дистрибутерите складираат залихи во очекување на понатамошни недостатоци.
Ишиба претходно се извини за изјавите на Ето.
