Јазот меѓу политичките партии се чини е толку голем што ниту обидот на претседателот на државата Стево Пендаровски тој да се надмине и преку заедничко празнување и одбележување на големиот празник Илинден не даде резултат. Иако беа поканети лидерите на сите парламентарни политички партии да присуствуваат на чествувањето на Мечкин Камен, покрај тоа што целата опозиција не дојде, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, таму не беа ниту од Беса. Став за неодзивањето на поканата добивме само од Алтернатива.
„Лично јас вчера не бев во државата, пренесов и на службите дека нема да сум тука. А другите, ништо не е намерно, сигурно прашање е за други обврски“, посочи Скендер Реџепи.
Од Алијанса за Албанците но и од Беса никој не сакаше да даде став зошто не беа присутни на свеченоста во Крушево. Таму не беа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бидејќи како што се изјаснија, не го прифаќаат новиот концепт на празнување без политички говори, а претседателот на партијата Христијан Мицкоски прославата ја нарече дури и циркуска церемонија. За ова Реџепи од Алтернатива вели дека партиите треба да се занимаваат со поважни работи.
„Начелно мислиме дека имаме повеќе други проблеми, општествени, економски и социјални и со тоа треба да се занимаваме, отколку со ваква предизборна реторика. Знам дека треба да се фокусираме на поглавните работи кои се во интерес на сите граѓани во државата. И кога економски и социјално ќе бидеме задоволни сите во државата, е тогаш ќе можеме да зборуваме и за убедување и за концепт и за било што друго“, посочи Скендер Реџепи.
Шефот на државата Пендаровски идејата за обединување ја доби токму од Манифестот и движењето за слобода во кое народите беа повикани на заедништво и обединување..
„Овие времиња на несигурност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните Илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани“, посочи Стево Пендаровски.
Иако на свеченоста на Мечкин Камен се стравуваше од инциденти поради тоа што таму за прв пат присуствуваше лидерот на ДУИ Али Ахмети, сепак исвиркувања и извикувања имаше како и секоја претходна година.
