Во Тетово функционираат три јавни претпријатија: ЈКП „Тетово“, „Градски паркинг“ и ЈКП „Шар“. Но, две од нив работат со загуба. Само за неисплатени плати на работниците, ЈКП „Тетово“ од општината добило 71 милион денари или околу 1,15 милиони евра, бидејќи вработените четири месеци не примале плата, а здравственото осигурување не им било платено повеќе од 20 месеци.
Ситуацијата е поинаква во ЈКП „Шар“, кое управува со водоснабдувањето и канализацијата. Само во првиот квартал од годинава претпријатието остварило добивка од 5,2 милиони денари, а во изминатите 18 месеци инвестирало околу 1,5 милиони евра во инфраструктурни проекти.
„Во финансискиот извештај за првиот квартал имаме позитивно салдо од 5,2 милиони денари. Позитивно е и тоа што наплатата е зголемена, а дури 87 проценти од граѓаните на Тетово ги подмириле сметките за вода. Вкупно 13 милиони денари се исплатени за плати и дополнителни надоместоци за работниците. Во тие надоместоци се вклучени и бонусите за вработените кои биле редовни и ефикасно ја извршувале својата работа. Откако сум директор, речиси две години, инвестициите на терен надминуваат 1,5 милиони евра. Само во последните два месеци реализираме голем инвестициски циклус.“, вели Ваљон Зекири.
Зекири додава дека платите во претпријатието се движат од 30.000 денари па нагоре, додека мајсторите на терен заработуваат повеќе од 90.000 денари месечно. Само во текот на три месеци на вработените им биле исплатени 13 милиони денари бонуси.
„Вработените во администрацијата, зависно од образованието, земаат плата од 30.000 до 37.000 денари ако имаат средно образование, а оние со факултет над 40.000 денари. Теренските работници кои се мајстори добиваат повеќе од 90.000 денари, додека физичките работници заработуваат околу 50.000 денари“, рече Зекири.
Од друга страна, Билал Касами, градоначалник на Тетово, истакна дека ЈКП „Тетово“ нема доволно приходи ниту за исплата на плати и затоа е неопходна финансиска поддршка. За „Градски паркинг“, Касами вели дека се работи на негово враќање во профитабилно претпријатие.
„Таксата од 105 денари што ја плаќаат граѓаните е недоволна дури и за сервисирање на платите на работниците. Што се однесува до паркинзите, затекнавме хаотична состојба и работиме на тоа претпријатието повторно да носи приходи за Општина Тетово. Во подготовка се нови одлуки и правилници за регулирање на паркирањето и паркинг-просторот“, вели Биљал Касами.
Во Тетово со загуба работи и претпријатието Тетово Транспорт, чии трошоци ги покрива Општина Тетово, бидејќи јавниот превоз за граѓаните е бесплатен.
