ЈО да отвори постапка за Стоиљковиќ – Османи: Резолуцијата не е однос кон српскиот народ, туку кон геноцидот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот Османи вели дека е изненаден од реакциите во јавноста пред се во земјава алудирајќи на изјавата на Иван Стоиљковиќ претседател на Демократската партија на Србите во Македонија која е и коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ кој геноцидот во Сребреница го нарече некрофилски дизниленд. Според него иако имало барања да се покрене кривична одговорност смета дека тоа треба да го направат институциите.

„Тука имаше панелисти кои што рекоа дека обраќањето на претседателот на српската партија овде се коси со законите и дури побараа покренување на судска постапка. Јас нема да навлезам во таква работа бидејќи сме во изборен процес па може да се интерпретира поинаку, меѓутоа се разбира по допрен глас институциите можат да реагираат.“, рече Османи.

Две партии на Бошњаците во земјава, Бошњачки демократски сојуз, и СДА – беше упатено барање до ВМРО-ДПМНЕ да се оградат и да ја осудат изјавата на нивниот коалициски партнер Стоиљковиќ. Упативме прашање до партијата на Мицкоски дали нешто ќе преземат во однос на ова барање, но одговор не добивме. Покрај изјавата на Стоиљковиќ за резолуцијата за Сребреница, бројни жестоки реакции стигнаа и од дел од српските политичари. Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ коспонзорството на Македонија го оцени како дрскост, па го праша Османи дали тој би поднел резолуција за убиствата на Србите во Јасеновац. Османи веќе имал средба и со српската амбасадорка на која и пренел дека овој потег не е однос кон српскиот народ.

„Во Министерството вчера имаше средба со амбасадорката на Република Србија и ние јасно таму го кажавме нашиот став дека ова не е однос кон Србија ова не е однос кон српскиот народ, ова е однос кон едно злосторство кое што е направено и за кое веќе меѓународните судови имаат констатирано дека е геноцид и дека негирањето и глорифицирањето на сторителите е продолжување на геноцидот во друга форма“, вели ОСмани.

Геноцидот во Сребреница се случи од 11 до 23 јули 1995 година во која беа убиени над 8 илјади босански муслимани, а Македонија во 2010 година има донесено Декларација со која се поддржува Европската резолуција за прогласување на убиствата во Сребреница за геноцид.