На местото на Љубомир Јовески вршител на должноста републички обвинител ќе ја извршува обвинителката Соња Симовска. Таа ќе ја извршува функцијата до именување на новиот републички обвинител, процедура која оди преку Владата и Собранието. Должноста на Симовска започнува во понеделник, на 25 декември, бидејќи на тој ден и официјално завршува мандатот на Јовески.
Соња Симовска доаѓа како предлог на претседателката на Советот на обвинители, Душица Димитриеска, а беше изгласана од сите присутни обвинители. Работела во скопското обвинителство, а потоа и во Основното јавно обвинителство. Од 2022 година е дел од Републичкото обвинителство.
Во меѓувреме, до Советот на обвинители од владата стигна барање за мислење за кандидатите за републички обвинител, а во рок од 15 дена Советот треба да даде позитивно или негативно мислење.
Што се однесува до биографиите на другите тројца кандидати, обвинителката Лидија Рајчевиќ има најдолг стаж во Обвинителството, почнувајќи од 2003 година. Попозната е од случајот „Ровер“ каде Љубе Бошковски беше обвинет за помагање во убиство. Таа беше противкандидат на Јовески и во претходниот мандат.
Другиот кандидат Љупчо Коцевски беше избран за обвинител во Вишото обвинителство во Гостивар, а пред две години беше унапреден во републичкото обвинителство. Тој беше претседател на дисциплинската комисија, на чиј предлог беше разрешена обвинителката за гонење организиран криминал, Вилма Рускоска.
Третата кандидатка Фатиме Фетаи е најмладата кандидатка по возраст и на јавноста и е позната од Специјалното јавно обвинителство. Оттаму се врати во Скопското Обвинителство, а не беше избрана за обвинител за организиран криминал. Подоцна била унапредена во виш обвинител во Скопје.
За кандидатите за републички обвинители за кои Советот ќе даде позитивно мислење, Владата избира само еден и го испраќа на гласање на пленарна седница во Собранието. Доколку советот даде негативно мислење за сите тројца кандидати, тогаш конкурсот мора да се повтори.
