Фирмите од конзорциумот што се избрани за спроведување на надзорот на изградбата на Коридорот 8 и 10 Д немаат никаква забрана за учество во тендерска постапка на јавна набавка и тоа беше доволно да го потпишеме договорот за овој проект. Ова го истакнаа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на јавното претпријатие Ејуп Рустеми на денешниот брифинг со новинарите кои потенцираа дека целиот процес е спроведен законски. Сепак во самата документација поднесена на тендерската постапка, останатите фирми имаа поднесено изјави за неосудуваност но за Ептиса како и за Еуроконсалтинг чиј сопстсвеник е Бранимир Димитријевиќ и кој од ерменските власти се бара со потерница за криминал таква изјава нема. Ова се правда со тоа што се работи за странска фирма и што за ова не може да се добие соодветна документација. За Ептиса која е дел од ИРД имала забрана од државата да не учествува на градежни надзори поради неетичко и непрофесионално однесување, но по објавувањето на тендерот, Владата ја поништила суспензијата.
Министерот Бочварски во неговата изјава само го потенцираа значењето на изградбата на овие коридори.
„Наша обврска и должност е да ги изградиме овие патни коридори за 5 а не за 25 или за 30 години со што ќе придонесеме и за посилен економски раст и развој на државата, за повеќе инвестиции, за побезбеден сообраќај а со тоа и транзитот низ државата повторно ќе го насочиме низ двата главни коридори на Балканскиот Полуостров. Драго ми е што минатата година Европската унија коридорот 8 го стави на мапата на главните европски коридори на Западниот Балкан“, вели Благој Бочварски.
За изградбата на коридорите 8 и 10Д Антикорупциска минатата недела отвори предмет за надзорот. Од ВМРО-ДПМНЕ пак бараат Јавното обвинителство да отвори истрага и да побара запирање на работата на Конзорциумот ИРД.
„Ермениска шема Димитријевиќ – ЕПТИСА, од која едниот е гонет за криминал, а фирмата е поврзана со кинески капитал, и руската врска на Ампови кои се присутни и во двата договори еднаш преку Институтот за патишта во Велес, еднаш преку Електра Солушн го земаат тендерот од 22 милиони евра. Ако ова не се доволни индиции за отворање на истрага, тогаш Абази нека почека, но потоа ќе мора да одговори и зошто молчел и дали и кого штител“, посочи Бојан Стојаноски.
Изградбата на коридорот 8 и 10Д во должина од 110 километри кој ќе го гради Бехтел и Енка треба да започне на 22 април а ќе чини 1,3 милијарди евра. Овој проект опфаќа изградба на автопатските делници Требениште-Струга-Ќафасан во должина од 22,5 километри и ќе чини 360 милиони евра, Гостивар-Букојчани со должина од 30,1 километри 560 милиони евра, Тетово-Гостивар 27 километри 125 милиони евра и делницата од Коридорот 10-Д Прилеп-Битола со должина од 43,4 километри 260 милиони евра.
