Јуни или јули? Чекаме датум… – Тимови на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ работат на приближување на разликите за датум

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во пораките кои секојдневно ги упатуваат политичките партии, посочуваат дека здравјето на граѓаните е приоритет за нив. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ неколку пати дневно велат дека избори треба да има, но проблемот сè уште останува кај датумот за нивно одржување.

Иако оваа недела се смета за клучна за таква одлука, нема никакви најави за нова лидерска средба.

„Од она што можам да кажам дека за датум за избори ќе мора да се разговара консензуално односно во моментот кога ќе се оцени дека е можно да се одржат изборите бидејќи најважно во моментов ни е здравјето на граѓаните, а не спас на нечија кариера на некој функционер од СДСМ“, истакна Димче Арсовски.

Од СДСМ пак не откриваат дали би отстапиле од првичните ставови за избори и дали со тоа ќе ги исполнат желбите на ВМРО-ДПМНЕ. Ова ја зголемува и неизвесноста за периодот на одржување.

„Изборите се решение и треба да се одржат во првиот можен рок, секако по завршување на вонредната состојба и согласно состојбата со епидемијата. Избори се потребни за да обезбедиме целосно функционални институции коишто ќе бидат целосно посветени на заштита на здравјето на граѓаните, рековме дека договор е можен до завршување на вонредната состојба“, посочи Костадин Костадинов.

Според наши информации, СДСМ по консултација со коалиционите партнери како последен датум за избори ќе го понуди 5-ти јули.

Од Европската комисија пак велат дека заштитата на фер и слободни избори од лажни вести и дезинформации ќе биде меѓу централните точки на планот на активности за заштита на европската демократија што Европската комисија има намера да го донесе до крајот на годинава.