Италијанската финансиска полиција во понеделникот објави дека запленила повеќе од 2,6 тони кокаин во Атлантскиот Океан, покрај брегот на Португалија. Проценетата улична вредност на дрогата достигнува 500 милиони евра, објави Ројтерс.
Кокаинот е откриен на брз прекуокеански чамец, а четири лица на него се уапсени. Станува збор за двајца Шпанци, еден жител на Гибралтар и еден албански државјанин кој живее во Италија. Италијанската Финансиска управа во соопштение објасни дека шверцерите користат вакви пловила за да соберат нелегален товар исфрлен на море од големи товарни бродови од Јужна Америка.
Операцијата беше спроведена во соработка со шпанските и португалските власти, а истрагата беше координирана од италијанските обвинители во Бреша.
„Вредноста на кокаинот на големо се проценува на приближно 78 милиони евра. Доколку дрогата стигнеше до крајниот пазар и беше подготвена за продажба, можеше да оствари профит од околу 500 милиони евра“, се вели во соопштението.
