Како да се олесни цената на струјата – Муцунски: Ќе предложиме намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предлог за намалување на ДДВ-то на струјата од 18 на 5 проценти за да се олесни претстојниот ценовниот шок од најавеното зголемување на електричната енергија, подготвува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот од овие редови Тимчо Муцунски вели дека е јасно дека не само цената на струјата, туку дека и цените на другите енергенси растат а со тоа се зголемуваат и трошоците на животот.

„Ние како политичка партија, тоа го најави и претседателот на партијата Мицкоски и ние како пратеници на таа политичка партија во Собранието имаме намера да предложиме намалување на износот на ДДВ за струјата, што би значело олеснување на граѓаните и компаниите односно уште еден начин да се апсорбира овој шок, кој што за жал нашата влада немаше капацитет и дел од јавните претпријатија кои што имаат надлежностите во оваа област немаат капацитет да го апсорбираат на време“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунси.

Но колку власта ќе биде подготвена да прифати вакво решение,за кое, според пресметките на ВМРО-ДПМНЕ намалувањето на ДДВ-то на струјата ќе ги намали приходите во буџетот за околу 100 милиони евра. Вакава идеја имаше и во октомври минатата година која дојде од Европската енергетска заедница. Тогаш премиерот Заев рече дека е вредно да се разгледа таквиот предлог но посочи дека треба да се направат калкулации што тоа ќе значи за економската стабилност, финансиските ресурси на државата и изворите на помагање на македонското стопанство, но досега нема одговор дали е тоа прифатливо.

„На Македонија во овие тешки времиња и се потребни даночни олеснувања, и се потребни не само номинални, туку и фактичко намалување на даноците. Тоа ќе им значи и на граѓаните, но и на компаниите кои што мака мачат да сврзат крај со крај секој месец и меѓу другото имаат функција во исплата на плати, а тоа е се потешко и потешко“, додаде Муцунски.

Од Владата веќе најавуваат дека летово е можно поскапување на електричната енергија, што веќе предизвика големи реакции во јавноста.