Како до независно судство беше темата на дебатата организирана од Институтот за демократија Социетас Цивилис, но и со години поставувано прашање во нашава држава, за кој не само што нема подобрување туку состојбата е се полоша.
„Многу се поизразени влијанијата што судиите ги добиваат од своите колеги, од своите претпоставени, некаде над 40 посто од судиите пријавуваат дека имале искуство. Така што тој систем на влијание се прилагодил да изгледа малку позатскриен и ја гледаме таа структура на поделба на контрола. Значи едните обезбедуваат филтри кој каде ќе се најде а понатаму фелата контролира.“, вели Миша Поповиќ.
Досега ниту една власт во земјава не успеа да е воздржи од влијанија врз правосудниот систем од каде пак никогаш не сфатија дека треба да работат за да има правда за граѓаните. Ова го истакна Уранија Пировска извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права која сепак не гледа дека критиките од меѓународните претставници ќе имаат ефект.
„Секоја власт не ги трга шепите од правосудството затоа што правосудството е многу моќно орудие за одржување на власта, за плаќање на долговите кон коалиционите партнери, за удоволување на барањата на партиското членство кое што секогаш има многу високи апетити. Па не мислам дека и меѓународниот фактор може да изврши влијание, јас го сфаќам и револтот на меѓународниот фактор, јас имам 27 годишно работно искуство во правната сфера и откога знам се вложува и се инвестира во едукација на судиите.“, рече Уранија Пировска.
Дарко Аврамовски од Коалицијата Сите за правично судење вели дека мора да се почне да се размислува на долг рок како да се почне да се решаваат проблемите во оваа сфера. Како една од начините за тоа е прочистување во судството.
„Е потребно да се направи добро истражување, добро планирање, да се отворат јавни дебати, да се вклучат сите чинители, да бидат вклучени и оние судии кои би се охрабриле јавно да се спротивстават на корупцијата и влијанијата во својата фела. Но секако и да најдеме начин како да ги изолираме од судството оние непожелни карактери кои немаат интегритет независно дали станува збор за судии, обвинители и адвокати.“, кажа Аврамовски.
Деновиве од Американскиот Стејт департмент повторно беше испратена порака дека лидерите на партиите во земјава мора да го ограничат политичкото мешање во судството.
