Вака изгледаат здрави бели дробови. А, вака изгледаат бели дробови на заразен со коронавирус пред да почине. Зоната со бела боја покажува дека белите дробови се целосно нефункционални, објаснува Зекирја Шаини, специјализант на пулмологија.
„Три дена пред да почине пациентката и е направен овој Рентген на белите дробови каде јасно се гледа – може да се каже дека во овие делови немаме воопшто дробови. Само овие делови каде е со црно, се деловите кои функционирале и пациентот преку овој дел се снабдувал со кислород, и за жал заврши фатално, со смрт.“, вели Шаини.
Жртвата била 60 годишна жена која пред да се зарази со коронавирус била во добра здравствена состојба, објаснува лекарот пулмолог.
„Се губи функцијата на белите дробови, балансот меѓу кислородот и јаглерод диоксид не е како што треба, значи белите дробови ја губат својата функцијата, затоа заразените пациенти чувствуваат замор и чувството на недостиг на воздух.“, рече Шаини.
Шаини вели дека симптомите на коронавирусот не се исти кај сите пациенти. Тие помладите може да поминат и без симптоми. Тие кои се потешки случаи имаат последици дури и откако ќе се излечат.
„Доколку делумно се оштетат белите дробови, се појавува бронхопневмонија, ќе останат последиците, ќе останат траги и белите дробови нема да функционираат како претходно. Затоа апелирам, бидејќи не можеме да ги земеме двете крајности, од корона или ќе се излекуваш или умираш, туку треба да се гледа средината, кои ќе бидат последиците.“, рече Шаини.
Највнимателни треба да бидат тие со хронични заболувања на органите за дишење. Доктор Шаини кој бил дел од лекарската екипа во Дебар кога градот беше жариште на инфекцијата, упатува апел до граѓаните да внимаваат, да ги почитуваат мерките и да не се плашат од тестирање.