Коалицијата ВРЕДИ со зурли и тапани прослави уште една победа, овој пат во село Ларце, Желино. По прегласувањето во избирачкото место 2101, коалицијата ВРЕДИ успеа да го обезбеди осмиот пратеник во зоната шест, со што ја продлабочи победата над Европскиот фронт. Со ова се изедначуваат со Европскиот фронт по освоените мандати во зоната шест, осум со осум. На ниво на држава, резултатот сега е 18 спрема 14.
Од првото гласање на парламентарните избори на 8 мај, коалицијата ВРЕДИ освои 332 гласа, додека Европскиот фронт освои 134, додека по прегласувањето, ВРЕДИ го продлабочи резултатот на 494 спрема 48. Во знак на победата, поддржувачите на ВРЕДИ подготвија и торта со слики од Албин Курти, Биљал Касами и Аднан Азиз.
Но за ЕФ овој резултат е неприфатлив, бидејќи, како што велат, имало нерегуларности при процесот на гласање. Во директна телефонска врска во Клик плус, Арбр Адеми рече дека имало притисоци врз гласачите, на гласачкото место присутни биле неовластени лица и дека не успеале да искомуницираат ниту со нивните набљудувачи.
– До нас стигнаа информации за сериозни нерегуларности за целиот процес кој се одвивал таму. Верувам дека истите се нотирани во записник. Веруваме дека ќе се процесираат по институционален пат така како што треба. Вклучувајќи ги тука притисоците, неовластените лица на гласачките места, нивното учество и низа други нерегуларности, рече Арбр Адеми од Европски фронт.
Друг сомнеж според Адеми е и тоа што, како што рече, до 22 часот не биле објавени резултатите од прегласувањето во Желино.
– Симптоматично е во 22 часот да немаме официјално и правно затворен резултат на едно гласачко место. Само на едно гласачко место. На 8 мај 90% беа објавени. Имаше прес нели, за цела држава, вели Арбр Адеми.
Но од коалицијата ВРЕДИ не мислат така. Во изјава за ТВ21 Зеќирија Ибрахими рече дека гласањето во Ларце, Желино било слободно и демократско и без никакви приговори. Доколку ЕФ има приговори, нека ги испрати до ДИК.
Приговорите што доаѓаат од претставници на Фронтот против вчерашниот изборен процес во Општина Желино, поточно од село Ларце, всушност, треба да се испратат до институцијата која го надгледуваше процесот. Тоа е Државната изборна комисија. Доколку овие претставки се проверат и утврдат, има одговорни институции кои преземаат мерки. За нас вчера во селото Ларце имаше слободни и демократски избори без приговор од никој кој беше дел од изборниот процес на таа локација, ниту од комесари ниту од набљудувачите. Други поплаки, надвор од нив, се жалбите на губитникот кој оди во опозицијата, рече Зеќирија Ибрахими од ВРЕДИ.
По прегласувањето ќе се промени бројот на мандатите на Европскиот фронт и коалицијата ВРЕДИ, кандидатката на Европскиот фронт Фатмире Исаку од ДПА го загуби правото на пратенички мандат, а неа ќе ја замени осмата на листа од ВРЕДИ, Имарлије Салиу Фетаи. Но, имајќи предвид дека првиот човек на Движењето Беса Биљал Касами најави дека ќе продолжи да функционира како градоначалник на Тетово, ќе поднесе оставка од пратеничката функција, а на негово место ќе влезе Аднан Азизи од Движењето Беса. По прегласувањето, Европскиот фронт беше во опасност да загуби уште еден пратеник во зона 5, но таму немаше никакви промени и кандидатот Исмаил Јахоски беше потврден. По официјалните резултати по прегласувањето, ВМРО-ДПМНЕ потврдува 58 мандати. СДСМ се изедначи со Европскиот фронт со по 18 мандати. ВРЕДИ ќе има 14 мандати, додека Движењето Знам и Левица ќе имаат по 6 мандати.
