ЕУ треба да се пронајде повторно себеси и да се врати на своите корени, рече премиерот Зоран Заев на панелот на Форумот Преспа за дијалог каде беа присутни и неговите колеги од регионот. Непочнувањето на преговорите на Скопје и Тирана ги нарече голем неуспех на политиките за проширување на ЕУ и лоша порака за целиот регион.
„Колку посилни и постабилни трансатлантските врски, Западен Балкан е силен, стабилен и напреден. Заедничкото ангажирање на САД и ЕУ за Западен Балкан е суштинско. ЕУ треба да се пронајде повторно себеси, да им се врати на корените, да се врати кај Шуман и Аденхауер“, истакна Зоран Заев.
И албанскиот премиер Еди Рама говорејќи за исчекувањето на почетокот на преговорите, рече дека веќе не чувствува ништо, ниту пак очекува како порано. Ова дури го спореди со организирање свадба.
„Можете да организирате убава свадба, правејќи се совршено на која невестата не доаѓа. Можеш да ја направиш и втор пат, уредувајќи се убаво, со најдобрата музика, украси, гости, храна итн., но невестата повторно да не дојде и повторно ти само велиш “Ф…“ и веќе не се организираш за свадба, а ако дојде невестата нека биде обично…“, посочи Еди Рама.
За депресијата и фрустрацијата кои ги предизвика долгото исчекување зборуваше и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ. Давајќи ги своите проценки за Форумот во Преспа, таа рече дека е фантастична работа бидејќи те потсетува на еден договор кој следи по тежок и сложен дијалог.
„Дијалог кој нè потсетува сите нас, секоја година, дека дијалогот е важен! Важен е и само преку дијалог може да се постигне компромис, да го оставиш минатото во минатото и да се свртиш кон иднината“, порача Ана Брнабиќ.
Брнабиќ рече дека Србија како и сите земји од регионот е ЗА интеграциите во ЕУ, но не го дели истиот став и за НАТО кон кого е неутрална. Ова го спомна премиерот на Косово Аљбин Курти во својот говор каде меѓу другото зборуваше и за Мини шенгенот.
„Ова е иницијатива која што нема никаква визија за регионот и Република Косово силно ја одбива и ги повикува сите на посветеност на агендата на ЕУ и трансатлантските релации. Незадоволството од ЕУ не треба да се инструментализира од држави кои не го сакаат НАТО или ја фаворизираат руската федерација“, вели Албин Курти.
На панелот наречен Повторно воспоставување на синергијата ЕУ- НАТО кон Западен Балкан, исто така говореше и претседателот на советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг кој рече дека земјите од Западен Балкан не треба да го чекаат членството во ЕУ бидејќи имаат многу работи што можат да ги направат заедно.
